Македонија

Проблеми со М-ТАГ на патарините – ЈПДП открива каде грешат возачите

Проблеми со М-ТАГ на патарините – ЈПДП открива каде грешат возачите

Зголемената фреквенција на автопатите по завршувањето на летните одмори и почетокот на учебната година повторно ги актуелизира прашањата околу функционирањето на наплатните станици и електронската наплата на патарините.

Иако М-ТАГ и М-Кард се воведени со цел да се забрза минувањето и да се намалат гужвите на наплатните рампи, дел од возачите велат дека и понатаму се соочуваат со задржувања и проблеми при користењето на електронската наплата.

Од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) посочуваат дека системот М-ТАГ функционира, но дека дел од проблемите настануваат поради неправилно користење на уредот.

Според ЈПДП, М-ТАГ треба да биде поставен на предвиденото место во возилото и на оригиналниот држач, за сигналот правилно да биде испратен и прочитан од системот на наплатната станица.

Оттаму објаснуваат дека кога возачите го држат уредот во рака наместо да биде поставен на соодветното место, постои можност сигналот да не биде регистриран. Во таков случај, возилото веќе може да биде евидентирано на лентата, што дополнително ја отежнува наплатата и може да бара промена на лентата или други дополнителни чекори.

Поради тоа, од ЈПДП апелираат до корисниците на М-ТАГ да не го држат уредот во рака при минување низ наплатните станици, туку да го постават на оригиналниот држач во возилото.

Во меѓувреме, во тек е модернизацијата на наплатната станица Миладиновци, а од ЈПДП велат дека активностите се реализираат согласно договорените услови.

Електронска наплата сè уште нема на наплатните станици во Тетово и Гостивар. И тие станици се предвидени за модернизација, а од ЈПДП најавуваат дека процесот ќе продолжи.

Целосната модернизација на наплатните станици со системите М-ТАГ и М-Кард, според најавите на ЈПДП, треба да биде завршена со изградбата на Коридорот 8, додека во претстојниот период приоритет е завршувањето на модернизацијата на станицата Миладиновци.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни