Македонија

Сведочеше инспекторка за „Пулс“: Лиценцата не ни беше дадена на увид, пристапот беше блокиран од возила

Сведочеше инспекторка за „Пулс“: Лиценцата не ни беше дадена на увид, пристапот беше блокиран од возила
Фото: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Сообраќајниот пристап до кабарето „Пулс“ во Кочани бил сериозно отежнат поради големиот број паркирани возила, а при една од контролите сопственикот Дејан Јованов не ја дал лиценцата за работа на увид, сведочеше денеска самостојниот инспектор при Регионалниот центар за гранични работи Исток – Делчево, Деспина Симеонова.

Симеонова сведочеше на судењето против деветтемина полициски службеници обвинети во врска со пожарот во кабарето „Пулс“. Таа беше испрашувана од Обвинителството, а посочи дека во Министерството за внатрешни работи работи од 2001 година.

Во периодот од 2022 до 2023 година, Симеонова континуирано работела како инспектор за странци, при што нејзините работни задачи опфаќале канцелариска и теренска работа.

Таа објасни дека инспекторите за странци самостојно постапуваат кога работат согласно Законот за странци, додека при реализација на оперативни планови се спроведуваат заеднички акции со други служби и инспекторати, меѓу кои МВР, Пазарниот инспекторат и инспекторите од труд и социјала.

Според неа, во Општина Кочани контролите најчесто биле вршени во угостителски објекти, хотели, мотели, ноќевалишта и апартмани со сместувачки капацитети, со цел да се утврди евентуален нерегуларен или незаконит престој на странци.

Во однос на „Пулс“, Симеонова потврди дека во текот на 2022 и 2023 година биле извршени повеќе контроли, секогаш во рамки на нејзините надлежности. По секоја контрола, како што наведе, бил изготвуван извештај кој бил доставуван до Регионалниот центар за гранични работи Исток.

Контролите биле спроведувани во ноќните часови – првично од 22 до 03 часот, а подоцна од 23 до 04 часот.

Сведочејќи за пристапот до објектот, инспекторката го опиша сообраќајот околу кабарето како „хаос“.

„Хаос е, со еден збор – не се поминува. Паркингот којшто се користи од хотелот во близина е преполн, а на улицата пред дискотеката не може да се помине од паркирани возила“, рече Симеонова.

Таа сведочеше и за контролата при која била побарана лиценцата за работа на „Пулс“. Според неа, документот бил побаран во нејзино присуство од колегата Златко Кузмановски, кој бил одговорен за акцискиот план.

„На барање на колегата Златко Кузмановски, кој беше одговорен за акцискиот план, во мое присуство беше побарана лиценцата за работа на дискотеката „Пулс“. Од страна на сопственикот Дејан Јованов лиценцата не ни беше покажана, ниту дадена на увид, со објаснување дека е многу доцна да го бара книговодителот бидејќи не е во просториите на дискотеката и дека ќе ја донесе во понеделник“, сведочеше Симеонова.

Таа додаде дека Јованов тогаш тврдел оти документите за обновување на лиценцата ги поднел 15 дена претходно во Скопје и дека лиценцата важела до 31 март 2023 година.

Симеонова посочи дека околностите биле внесени во извештајот од контролата.

Судскиот процес против деветтемина полициски службеници продолжува со сослушување сведоци и изведување на материјалните докази предложени од Обвинителството.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ивана Петковска, Коалицијата „Сите за правично судење“ 17.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни