Во сообраќајна несреќа што се случила вчера на автопатот Куманово-Скопје, кај Агино Село загинаа две лица, а три се повредени.
Вчера околу 21:35 часот во СВР Куманово било пријавено дека на автопатот Куманово-Скопје, во насока кон Скопје, во атар на село Агино Село, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.М. (65) од Скопје и патничко возило „опел корса“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Н. (27) од Скопје.
„На местото на настанот починале сопатниците од возилото опел корса В.Н. (49) и Л.М. (71) од Скопје. Л.Н. (48), сопатничка од возилото „опел корса“ се здобила со тешки телесни повреди, а сопатникот Б.Н. (28) и С.Н. (27) од Скопје се здобиле со телесни повреди и биле пренесени во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје“, соопшти кумановската полиција.
Увид извршила екипа од СВР Куманово. По наредба на јавен обвинител, возачот на патничкото возило „мерцедес“ М.М. бил лишен од слобода и по целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.