Македонија

Јаневска: Разликата во бројот на првачиња е намалена на околу 1.500

Јаневска: Разликата во бројот на првачиња е намалена на околу 1.500

Бројот на првачиња кои годинава недостигаат во споредба со минатата година е намален на околу 1.500, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Јаневска посочи дека состојбата е значително поинаква од онаа пред месец и половина, кога, според податоците внесени во електронскиот дневник, недостасувале околу 4.900 првачиња.

„За среќа, бројката драстично се намали во последниот месец и половина“, рече Јаневска, објаснувајќи дека дел од запишувањата не биле навреме внесени во електронскиот дневник, иако тоа е обврска на училиштата.

Според министерката, искуството од претходните години покажува дека дел од првачињата се запишуваат и кон крајот на август, како и во текот на септември.

„До крајот на септември се запишуваат, што е лоша навика, но и тоа ќе се обидеме да го поправиме“, изјави Јаневска.

Таа оцени дека актуелната разлика од околу 1.500 првачиња е значително помала од првично регистрираната бројка. Дополнително, посочи дека во 2020 година биле родени околу 800 деца помалку во однос на претходната година, што, според неа, треба да се земе предвид при споредбата на бројот на запишани првачиња.

„Не е добро што бројката е намалена, но не е толку голема како што изгледаше пред месец и половина“, рече министерката.

Во однос на можноста бројот на ученици дополнително да се намалува во текот на учебната година поради иселување, Јаневска изрази надеж дека годинава состојбата ќе биде подобра во однос на претходните години.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Весна Јаневска, министерка за образование 22.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни