Реновирани соби со топла вода, подобрена храна во мензите, енергетски ефикасни фасади и фотоволтаици ги дочекуваат студентите оваа академска година во студентските домови. Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во гостувањето на 4ТВ, нагласувајќи дека наместо со условите за престој, студентите конечно ќе можат да се фокусираат исклучиво на учењето.
„Студентскиот дом „Стив Наумов“, ќе си дозволам така да кажам, го направивме хотел А категорија. Мислам дека студентите кои ќе бидат сместени во тој дом, ќе бидат презадоволни“, рече Јаневска во „Ноќно студио“.
Јаневска демантираше дека се потребни „врски“ за добивање место во домовите, посочувајќи дека сите студенти кои ги исполнуваат условите веќе се сместени во „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“.
„Капацитетот на ‘Гоце Делчев’ е околу 1.200 места, а на ‘Стив Наумов’ над 1.000. Сите студенти што ги исполнуваа условите до денеска се сместени, а имаме сочувано слободни места за бруцошите и околу стотина места за студенти од посебен интерес за државата“, изјави Јаневска.
Министерката соопшти и убава вест за студентите – студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ ќе биде пуштен во употреба за најмногу еден и пол месец. Со тоа, Скопје ќе располага со три модернизирани и пристојни студентски домови на три различни локации, по што ќе продолжи реновирањето на преостанатиот дел и мензата во „Гоце Делчев“.