Примената на новиот закон за висока раководна служба ќе започне веднаш од 1 октомври, а Владата е целосно подготвена за негова имплементација, потврди министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
„Иако добивме грејс-период до крајот на 2026 година за имплементација на ова решение, ние направивме огромен чекор и сме подготвени од 1 октомври веднаш да почнеме со примена на законот. Несериозно би било да не го имплементираме, кога сите закони, уредби и правилници се веќе донесени на Влада“, истакна министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Тој појасни дека од вкупно 100 раководни позиции, во овој момент има околу 20 за кои веднаш ќе биде распишан оглас, со цел целата постапка да заврши до 31 декември. Со ова брзо темпо, државата ги исполнува реформските обврски потребни за повлекување на финансиските средства од Европската Комисија.
Ова законско решение носела суштинска промена во начинот на раководење со државните институции и нивната ефикасност.
„Ова е закон кој се однесува на професионализација и поголем квалитет на раководните функции. Правиме наистина голем исчекор затоа што Владата се откажува од досегашното право Кадровската комисија да ги именува овие функционери. Одиме кон ново решение кое обезбедува процес со јасни и високи критериуми“, порача Минчев.