Контролата дали вработените во јавниот сектор редовно доаѓаат на работа може да се спроведува на повеќе начини, вели министерот за јавна администрација Горан Минчев.
Во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ, тој посочи дека проверките може да бидат иницирани по пријава за конкретен службеник, по пријава за одредена институција или преку поширока инспекциска акција.
„Контролата може да биде врз база на пријавен одреден службеник, врз база на одредена институција или пак една општа акција која што треба да ја направи Државниот инспекторат за труд“, рече Минчев.
Тој додаде дека Министерството реагира и по пријави до инспекторатот кој функционира во рамките на Министерството за јавна администрација.
Минчев, сепак, не даде конкретна бројка за вработени кои евентуално не доаѓаат на работа, а примаат плата.
„Во овој момент јас не би можел да шпекулирам со некаква бројка“, рече министерот.
Тој нагласи дека целта на Владата е ваквите случаи да бидат сведени на нула.