Македонија

Поднесено обвинение за оштетување на куќата на Владо Малески во Струга

Поднесено обвинение за оштетување на куќата на Владо Малески во Струга

Основното јавно обвинителство – Струга поднесе обвинителен акт против шест лица за кривичното дело оштетување или уништување на добра под привремена заштита, културно наследство или природни реткости, по член 264 од Кривичниот законик.

Првообвинетиот, управител на градежна фирма од Велешта, како инвеститор и изведувач на работите за уривање на објект, бил задолжен со решение на Управата за заштита на културното наследство да изготви идеен проект со строго утврден начин на уривање. Обврската произлегувала од фактот дека објектот се наоѓал во непосредна близина и делел преграден ѕид и кровна конструкција со заштитената стара струшка куќа на Владо Малески. Наместо тоа, тој изготвил само основен проект без пропишан метод за уривање, а по уривањето на истата парцела започнал изградба на нов објект со подрум, приземје и кат.

При ископот за подрумските простории на новиот објект, обвинетиот извршил широк ископ со багер и го поткопал заедничкиот преграден ѕид меѓу двата објекти, што довело до дестабилизација и уривање на куќата која е под заштита како културно наследство.

Градежен инженер и архитект од Секторот за урбанизам при Општина Струга се товарат дека го изготвиле и одобриле одобрението за градење без приложен идеен проект за уривање на претходниот објект на парцелата, со што му помогнале на првообвинетиот да го изврши делото. Во обвинението е опфатен и тогашниот градоначалник на Општина Струга, кој донел одобрение со кое, спротивно на решението на Управата за заштита на културното наследство, му дозволил на првообвинетиот покрај приземје и кат да изгради и подрум.

За помагање е обвинета и архитектка – конзерватор во Заводот за заштита на културното наследство и музеј – Охрид, која дала мислење без забелешки за усогласеноста на проектот со насоките на Управата и ја заверила техничката документација во која, спротивно на решението на Управата, била предвидена изградба на подрумски простории.

Како резултат на дејствијата на обвинетите, на 15 октомври 2025 година, на улицата „Браќа Миладиновци“ во Струга била оштетена стара струшка куќа прогласена за значајно културно наследство.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни