Унапредувањето на локалната самоуправа и актуелните прашања со кои се соочуваат општините беа во фокусот на редовната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС.
Членовите на Управниот одбор разгледаа повеќе теми поврзани со функционирањето на единиците на локалната самоуправа, при што беа разменети мислења за можни решенија и за унапредување на соработката со надлежните институции.
На седницата било разгледано и барањето на Стопанската комора во врска со измените на Законот за комуналните такси. Во рамки на оваа точка биле отворени прашања од значење за општините и локалната економија.
Членовите на Управниот одбор го разгледале и текстот на Меморандумот за соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади и Националниот младински совет. Предвидено е соработката да придонесе за заедничко дејствување во области поврзани со локалните заедници, младите и нивното учество во општествениот живот.
Дел од седницата била посветена и на подготовките за Генералното собрание на ЗЕЛС, кое е планирано да се одржи во средината на декември. На собранието се очекува да бидат разгледани состојбите во локалната самоуправа, како и идните приоритети и активности на ЗЕЛС.
Од ЗЕЛС посочуваат дека продолжуваат со активности насочени кон подобрување на условите за работа на општините, преку дијалог и координација со институциите и другите релевантни партнери. ЗЕЛС во своите активности ја нагласува улогата на општините во обезбедувањето услуги за граѓаните и во развојот на локалните заедници.