Македонија

Најмалку 16 млади Македонци заминале да работат за криминални кланови во Србија, млади од Аеродром, Ѓорче Петров, Карпош и Драчево меѓу целите на регрутерите

Најмалку 16 млади Македонци заминале да работат за криминални кланови во Србија, млади од Аеродром, Ѓорче Петров, Карпош и Драчево меѓу целите на регрутерите

Најмалку 16 млади момчиња од Македонија досега биле идентификувани како лица кои заминале во Србија и биле вовлечени во активности на организирани криминални групи, објави емисијата „КОД“. Најголем дел од нив се на возраст до 21 година, а меѓу нив имало и постари малолетници кои во Србија наполниле 18 години.

Според истражувањето, младите најчесто потекнуваат од скопските населби Аеродром, Ѓорче Петров, Карпош и Драчево. Дел од нив претходно имале проблеми со законот или биле поврзани со активности околу продажба на дрога, додека значителен дел потекнувале од нефункционални семејства.

Во „КОД“ се наведува дека до младите се стигнувало преку лица од Македонија поврзани со криминалното милје, кои им нуделе „работа“ во Србија и им ветувале голема заработка. По регрутацијата следувало заминување преку граница, а во случаи кога некои од нив биле барани од македонските власти, според емисијата, се користеле лажни документи или илегални премини.

Истражувањето наведува дека пошироката бројка на досега идентификувани млади Македонци поврзани со вакви криминални структури се движи меѓу 16 и 20 лица. Регрутирањето, според изворите на „КОД“, особено се засилило во 2024 година.

Како особено ранливи категории се посочуваат млади од згрижувачки семејства, домови, разведени или дисфункционални семејства, како и лица привлечени од ветувања за брзи пари и лесен живот. Во емисијата повторно се посочуваат населбите Ѓорче Петров, Ново Лисиче, Аеродром и Карпош како места од кои биле регрутирани млади.

Според „КОД“, откако ќе заминат во Србија, дел од младите добиваат посебни уреди за комуникација и пристап до затворени канали преку кои добиваат задачи. Во прилогот се наведува дека им биле ветувани големи суми пари, скап ноќен живот и можност да напредуваат во криминалната хиерархија.

Емисијата предупредува дека младите не се само извршители, туку во многу случаи стануваат и жртви на криминалните структури во кои влегуваат. Според објавените информации, на дел од нив им биле одземани документите, а напуштањето на групите било исклучително тешко.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни