Борбата против корупцијата, спроведувањето на законите и професионалниот избор на раководни кадри се меѓу најважните услови за напредокот на Македонија, порача европратеникот и известувач на Европскиот парламент за земјава, Томас Вајц.
Во видео-обраќањето на тематската дебата во Собранието, посветена на извештаите на Европската комисија за владеењето на правото и парламентарниот надзор, Вајц истакна дека институциите мора да функционираат доследно, а раководните позиции да ги заземаат лица избрани според образованието, искуството и квалификациите.
Според него, владеењето на правото не треба да се гледа единствено како обврска на патот кон членство во Европската Унија, туку и како основа за економски развој и создавање подобри услови за граѓаните.
Вајц посочи дека за инвеститорите не е доволно законите само да постојат на хартија, туку неопходно е тие навистина да се применуваат во практиката. Тој оцени дека корупцијата претставува пречка за напредокот и дека нејзиното надминување е во интерес на целото општество.
Осврнувајќи се на евроинтегративниот процес, европратеникот изрази надеж дека Македонија ќе ги започне пристапните преговори, имајќи ги предвид досега спроведените реформи.
Тој оцени дека земјата би требало да биде меѓу предводниците во преговорите за членство во ЕУ доколку се надминат блокадите од соседна Бугарија, за што, како што нагласи, е потребно да се вложат дополнителни напори.