Македонија

Серискиот убиец од Старо Нагоричане призна три од четирите убиства за кои е обвинет

Серискиот убиец од Старо Нагоричане призна три од четирите убиства за кои е обвинет

Обвинетиот Трајко Бојковски од селото Драгоманце денеска во Основниот суд во Куманово призна три убиства на жени извршени во периодот од јануари 2025 до февруари 2026 во неколку села на Општина Старо Нагоричане. Во исказот беше нејасен и најчесто одговараше само со „да“ и „не“, поради што не беше разбирливо што точно потврдува, а што негира. На почетокот изјави дека не ја убил Станче Каревска од селото Клечовце, а подоцна тврдеше дека не ја убил ниту Јанка Антевска. Тој се каеше за делата што ги сторил.

Според обвинението, Бојковски делата ги сторил од ниски побуди, при што се убиени четири жени, а во два случаи постоел обид за убиство. Обвинителот Љубомир Лапе изјави дека обвинетиот претходно ги признал убиствата и мотивите пред јавниот обвинител и дека постојат и други материјални докази што го поткрепуваат обвинението. Тој додаде дека начинот на одбрана е право на обвинетиот, кој очигледно настојува да си ја олесни положбата, што произлегува и од наодот и мислењето на судскиот вештак психијатар.

На рочиштето сведочеше и професор доктор специјалист психијатар Стојан Бајрактарев, кој потврди дека стои зад вештачењето во кое е оценето дека обвинетиот бил пресметлив при извршувањето на делата. Според вештото лице, Бојковски давал и непобарани описи на дејствија, што укажува дека знаел да ја согледа опасноста, да реагира и да се повлече. Барањето на одбраната да му се определи логопед или толкувач поради наводни говорни тешкотии беше одбиено, бидејќи тој го разбира македонскиот јазик, а ограничениот фонд на зборови се должи на образовна запоставеност. Вештакот оцени дека обвинетиот треба да биде сместен во казнено-поправна установа, а не на лекување во здравствена установа, како што предложи одбраната.

Во обвинението како мотив се наведува некрофилија. Жените, кои претежно биле сами, немоќни и во поодминати години, биле напаѓани, тепани и давени, а по нивното усмртување обвинетиот извршувал силување врз нивните тела. На денешното рочиште тој тврдеше дека делата ги правел поради пари, спротивно на претходните признанија дадени пред обвинителството.

Бидејќи, според наводите, со умисла убил повеќе лица, согласно член 123 став 3 од Кривичниот законик, Бојковски се соочува со казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор. Завршните зборови се закажани за 6 октомври.

Извор: Сакам да кажам

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни