Свет

Речиси третина од смртните случаи во ЕУ се поврзани со болести на срцето

Речиси третина од смртните случаи во ЕУ се поврзани со болести на срцето

Болестите на срцето и циркулаторниот систем се меѓу најчестите причини за смрт во Европската Унија, покажуваат податоците на Евростат. Годишно од овие заболувања умираат околу 1,6 милиони луѓе, што претставува 32,5 проценти од сите смртни случаи во ЕУ.

Во оваа група спаѓаат исхемичната срцева болест, хипертензивните и цереброваскуларните заболувања.

Според регионалните податоци на Евростат, од вкупно 244 региони во ЕУ, во 108 е регистрирана стапка на смртност од овие заболувања еднаква или повисока од просекот на Унијата, кој изнесува 313 смртни случаи на 100.000 жители.

Највисоки стапки се регистрирани во Бугарија, каде што во одредени региони болестите на срцето и циркулаторниот систем се причина за околу 67 проценти од смртните случаи. Во Романија уделот се движи меѓу 53 и 63 проценти, зависно од регионот.

Високи стапки се забележани и во Литванија, со 53,7 проценти, Летонија со 52,2 проценти, како и во Унгарија и Словачка, каде што уделот е околу 50 проценти.

На спротивниот крај е Франција, каде што е регистриран најнизок удел на смртни случаи поврзани со болести на срцето и циркулаторниот систем – под 20 проценти.

Ниски стапки, не повисоки од 22,4 проценти, се забележани и во Данска и Холандија.

Податоците укажуваат на значителни разлики меѓу европските региони во уделот на смртните случаи поврзани со кардиоваскуларните и циркулаторните заболувања.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни