Државниот јавен обвинител Ненад Савески не соопшти детали за постапувањето во врска со случајот „Алта банка“, порачувајќи дека јавноста ќе биде информирана кога ќе се создадат услови за тоа.
На новинарско прашање дали се постапува по кривичните пријави за банката, за кои во прашањето беа посочени гувернерот Трајко Славески и опозициската партија како подносители, Савески одговори дека во оваа фаза не може јавно да зборува.
„Кога би дошле до одредена фаза каде што би можеле да зборуваме за тој предмет, јавноста ќе биде навремено информирана. Сега засега не можеме да зборуваме“, изјави Савески.
Тој не прецизираше кои дејствија се преземаат, ниту соопшти дали е отворена истражна постапка или дали има осомничени лица.
Во меѓувреме, Народната банка ја објави постапката за продажба на доминантниот акционерски пакет во „АЛТА банка“ АД Битола. На продажба се понудени 372.742 обични акции, односно 95,336 проценти од вкупниот број акции, во сопственост на „Алта банка“ АД Белград – во стечај.
Првата јавна берзанска аукција е закажана за 30 ноември, со почетна цена од 3.777 денари по акција. Продажбата ќе се спроведе преку Македонската берза, по моделот „сè или ништо“, односно понудениот пакет ќе се продава во целост.
Според Народната банка, постапката има цел да се најде нов сопственик и да се создадат услови за натамошно стабилно работење на банката.