Андреј Петров најави дека се подготвува „сериозно досие“ за начинот на кој се спроведувале внатрепартиските избори во СДСМ, при што изрази сомнеж дека резултатите од гласањето целосно ја одразувале волјата на членството.
Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Петров рече дека го поддржува моделот во кој претседателот на партијата директно го избира членството, но смета дека мора да постои гаранција дека токму членовите ја носат конечната одлука.
„Гласањето на членството е добар модел. Гласањето на чиповите не е добар модел. Едно е да гласа членството, друго е да гласаат чиповите“, рече Петров.
Тој прецизираше дека зборува за електронскиот, односно дигитализираниот процес на гласање со членски картички, но не сакаше во оваа фаза да изнесува повеќе детали.
„Имаме едно сериозно досие што го подготвуваме. Не сум човек што употребува претешки зборови. Го документираме досието“, изјави Петров.
Според него, она што досега го утврдиле не ја одразувало волјата на членството.
„Дека тоа не ја одразува волјата на членството, тоа е сигурно“, рече тој.
Петров се осврна и на бројот на членови кои учествувале во изборот на партиски претседател, посочувајќи дека партија која во минатото броела околу 90.000 членови не треба да дојде во ситуација за изборот на лидер да одлучуваат само неколку илјади членови.
„Не може да се сведе на тоа за избор на претседател да одлучат 3.000, 4.000, 5.000, 6.000 или 7.000 членови. Тоа е нешто што треба да го констатираме како факт кој треба да се промени“, рече Петров.
Тој нагласи дека не се противи на непосредниот избор на претседател од страна на членството, туку бара процесот да ја изразува нивната реална волја.
„Моделот на директен избор од членството за мене е добар. Луѓето имаат право да одлучат, ама тоа да биде нивната волја, а не волјата на електронската технологија која, сепак, е управувана од луѓето“, изјави Петров во „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Петров не откри какви конкретни докази содржи досието, ниту кога ќе биде објавено, најавувајќи дека материјалите сè уште се документираат.