Македонија

Мицкоски од Брисел: Кој гарантира дека уставните измени се последниот услов за Македонија?

Мицкоски од Брисел: Кој гарантира дека уставните измени се последниот услов за Македонија?

Нема гаранции дека уставните измени се последната пречка на европскиот пат на Македонија, порача премиерот Христијан Мицкоски на Форумот за проширување „Поширока Европа, посилна Европа“, што се одржува во Брисел.

Мицкоски посочи дека Македонија била меѓу првите земји во процесот на проширување, но со години се соочува со дополнителни условувања кои, според него, немаат никаква поврзаност со реформските процеси.

„Последното барање за уставни измени е проблематично, оти нема гаранции дека е последно“, изјави Мицкоски.

Премиерот предупреди дека доколку промената на Уставот е мотивирана од обиди за промена на македонскиот идентитет, тогаш се доведува во прашање и кредибилитетот на самиот процес на проширување.

И покрај предизвиците, Мицкоски нагласи дека Владата останува посветена на изнаоѓање решение за надминување на пречките.

„Жалам што можеби звучам песимистички, но не сме песимисти. Напротив, активни сме и конструктивни континуирано да се најде решение како да се надмине оваа пречка“, истакна премиерот, додавајќи дека над 70 проценти од македонските граѓани го поддржуваат членството во ЕУ.

Од Брисел порака за продолжување на процесот на проширување испрати и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која нагласи дека приемот на нови членки ќе ја направи Унијата посилна и попросперитетна.

Таа посочи дека земјите кандидатки треба да имаат можност да ги почувствуваат придобивките од европската интеграција уште пред полноправното членство.

Додека Брисел испраќа пораки за подготвеност за ново проширување, за Македонија останува отворено клучното прашање – дали уставните измени ќе бидат последниот услов или ќе следуваат нови барања на патот кон ЕУ.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни