Познатиот бугарски бизнисмен Илијан Филипов (53), сосопственик на најголемата транспортна компанија во Бугарија „ПИМК“ и газда на фудбалскиот клуб Ботев Пловдив, е убиен во текот на изминатата ноќ во вооружен инцидент во Пловдив.
Убиството, кое според првичните информации на истражните органи е извршено со огнено оружје директно во областа на главата, ја крена на нозе бугарската полиција. Веднаш по пријавувањето на инцидентот, кое се случило околу 01:00 часот по полноќ, МВР на Бугарија ги блокираше сите влезови и излези на градот Пловдив во потрага по сторителот.
Криминалистите кои работат на терен брифираат дека начинот на извршување на ликвидацијата укажува на тоа дека станува збор за професионално подготвено и извршено убиство. Од полицијата соопштуваат дека во моментов се работи на сите можни верзии и мотиви, земајќи го предвид профилот на Филипов како еден од најмоќните луѓе во бизнис секторот во Бугарија.
Илиян Филипов беше клучна фигура во бугарскиот бизнис свет. Неговата компанија „ПИМК“ со години доминира во секторот за транспорт и логистика, а неговата империја се протегаше и во градежништвото и железничкиот сообраќај. Во јавноста, сепак, најголемо внимание привлече во јуни 2023 година, кога официјално го презеде управувањето со фудбалскиот клуб Ботев Пловдив, инвестирајќи значителни средства во клубот и во инфраструктурата.
Полициските тимови сè уште вршат увид на местото на настанот. За денеска е најавен и вонреден брифинг на обвинителството и МВР во Пловдив, каде се очекуваат повеќе детали за мотивот зад оваа шокантна егзекуција која ја вознемири бугарската јавност.