По речиси три месеци, денеска истекува забраната за движење во шумските подрачја, која беше воведена поради зголемениот ризик од појава и ширење на шумски пожари.
Забраната, воведена со согласност на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а на барање на НП „Национални шуми“, првично важеше од 1 јули до 31 август. Поради високите температури и опасноста од пожари на отворен простор, нејзината важност беше продолжена до 30 септември.
Во периодот на забраната, движењето низ шумите беше дозволено само со писмено одобрение. Одобренијата ги издаваа подружниците на НП „Национални шуми“ и националните паркови, во зависност од подрачјето со кое управуваат.
За физичките лица кои не ја почитуваа забраната беа предвидени соодветни казни.
Со истекот на мерката, од утре движењето во шумските подрачја повторно ќе биде дозволено без посебно одобрение, согласно важечките правила и прописи за заштита на шумите.