Полициска акција од раните утрински часови се спроведува во Прилеп, каде што се забележува засилено присуство на полициски службеници и специјални единици.
МВР, преку Бирото за јавна безбедност, спроведува претреси на околу 30 локации во градот и околината. Акцијата е дел од поширока истрага која се однесува на сомневања за постоење организирана криминална структура.
Според неофицијални информации, истрагата опфаќа активности поврзани со наркотици. Во рамки на истрагата, наводно, се проверуваат и лица од полициските структури за кои постојат сомневања за можна поврзаност со лица или активности кои се предмет на истрагата.
На терен се ангажирани припадници на специјалните единици, како и униформирани полициски службеници, кои вршат проверки и претреси на повеќе локации.
Повеќе детали за акцијата и евентуалните приведени или пронајдени предмети се очекуваат по завршувањето на оперативните активности и по официјално соопштение од надлежните институции.