Скопската Апелација ќе добие нов претседател по постапката во која на огласот на Судскиот совет се пријавиле двајца кандидати – судиите Лидија Зимбовска и Зоран Герасимовски, кој во моментов е в.д. претседател на судот.
Судскиот совет денеска ги усвои извештаите на Комисијата за проверка на навременоста на пријавите и комплетноста на доставената документација за избор на претседатели на Апелацискиот суд Скопје и Основниот суд Струга. Со тоа е констатирано дека пријавените кандидати ги исполнуваат условите за учество во понатамошната постапка.
За претседател на Основниот суд Струга е пријавен еден кандидат – Танче Петревски.
Герасимовски пред два месеца беше избран за в.д. претседател на скопска Апелација, откако дотогашната претседателка Мери Дика Георгиевска беше избрана за судијка во Уставниот суд.
На денешната седница Судскиот совет избра и претседатели на Основниот суд Гостивар, Основниот суд Дебар и Основниот суд Свети Николе, по претходно усвојување на извештаите од спроведените постапки.
За претседател на Основниот суд Гостивар е избран досегашниот в.д. претседател Мирослав Петровски, кој бил еден од двајцата кандидати со уредна и комплетна документација.
Во постапката учествувал и Елејса Алији, но на седницата било посочено дека на 13 јуни 2026 година била усвоена одлука за исполнување услови за старосна пензија. Кандидатката Драгослава Веселиновска не ја комплетирала документацијата, бидејќи не доставила акциски план за спроведување на програмата за работа.
За претседател на Основниот суд Дебар е избран Оруч Абазовски. Во постапката учествувал и Мерсим Марку, но Судскиот совет констатирал дека не ги исполнува условите за избор, бидејќи двапати претходно бил избран за претседател на Основниот суд Дебар.
За претседател на Основниот суд Свети Николе е избрана Валентина Буровска, која била единствен кандидат во постапката.