Македонија

Судскиот совет избра претседатели на три основни судови и ја продолжи постапката за Скопје и Струга

Судскиот совет избра претседатели на три основни судови и ја продолжи постапката за Скопје и Струга

Судскиот совет на денешната седница донесе одлуки за избор на претседатели на основните судови во Гостивар, Дебар и Свети Николе, а воедно ја прифати документацијата за кандидатите за претседателските места во Апелацискиот суд Скопје и Основниот суд Струга.

За нов претседател на Основниот суд Гостивар е избран досегашниот вршител на должност, Мирослав Петровски, кој имаше уредна и комплетна документација. Во трката учествуваше и Елејса Алији, но на седницата беше посочено дека тој ги исполнил условите за старосна пензија, додека кандидатката Драгослава Веселиновска била исклучена од постапката поради некомплетна документација — односно недоставен акциски план за работа.

Во Основниот суд Дебар за претседател е именуван Оруч Абазовски. Неговиот противкандидат Мерсим Марку не ги исполнувал условите за избор, со оглед на тоа што веќе во два претходни мандати ја вршел оваа функција.

Со Основниот суд Свети Николе во следниот период ќе раководи Валентина Буровска, која беше единствен кандидат на објавениот оглас.

Покрај изборите, Советот ги усвои и извештаите на Комисијата за проверка на пријавите за претседател на Апелацискиот суд Скопје и Основниот суд Струга. Констатирано е дека сите пријави се навремени и комплетни:

  • За прв човек на Апелацискиот суд Скопје во следната фаза влегуваат судиите Зоран Герасимовски и Лидија Зимбовска.
  • За претседател на Основниот суд Струга единствен кандидат е Танче Петревски.

На истата седница, Судскиот совет го усвои и извештајот од работната посета на Основниот кривичен суд Скопје.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни