Поранешниот државен правобранител и адвокат Фехми Стафа не е задоволен со одлуката на Основниот кривичен суд Скопје да му даде условен отпуст од само еден месец, поради што поднел жалба до Апелација. Како што информираше претседателката на Кривичниот суд, Даниела Димовска, на денешниот брифинг со новинарите, Стафа сè уште е во затвор, а предметот е испратен на одлучување во повисокиот суд на 24 септември.
Според првостепената одлука, наместо на 13 март 2027 година, затворската казна за Стафа требало да заврши на 1 февруари. Тој беше осуден на една година и три месеци затвор по признавањето вина за примање мито. Адвокатот беше уапсен во декември минатата година, кога полицијата го фати со 50 000 евра — прва рата од вкупно 100 000 евра кои ги побарал од својот клиент Љупчо Пецов – Ѓаволот, ветувајќи му влијание кај апелациски судија за да му биде укинат притворот.
Случајот со Стафа беше клучната карика која подоцна доведе и до апсењето на апелацискиот судија Ѓоко Ристов, кај кого во куќата беа пронајдени заѕидани 350 000 евра, иако истрагата не потврди директна поврзаност на тие пари со Стафа.
Пецов ја платил паричната казна и доби условна затворска казна
Контроверзниот бизнисмен Љупчо Пецов – Ѓаволот, кој беше еден од обвинетите во големиот случај за даночно затајување „Синџир“, уште на 2 септември ја платил изречената парична казна од 8 000 евра, пред пресудата да стане правосилна.
За него пресудата стана правосилна на 21 септември, откако призна вина и доби:
- Условна затворска казна од две години (која нема да се изврши доколку во следните пет години не стори ново дело);
- Парична казна од 8 000 евра;
- Забрана за основање и управување со фирма во времетраење од 10 години.
Пецов првично беше во бегство, но се предаде во декември минатата година, непосредно по апсењето на неговиот тогашен адвокат Стафа. Случајот „Синџир“ опфаќаше 26 лица и 28 фирми кои преку лажни фактури го оштетиле државниот буџет за околу осум милиони евра. Покрај Пецов, во истиот предмет неодамна им се предаде на органите на прогонот и бизнисменот Стојан Чифлигароски.