Родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се огласија во пресрет на продолжувањето на судскиот процес, откако од 1 октомври одбраната треба да започне со изведување на своите сведоци и вештаци.
Во реакцијата, родителите поставуваат повеќе прашања поврзани со законското функционирање на објектот и одговорноста на институциите пред трагедијата.
„Јавно прашуваме: кој од нив ќе докаже дека објектот имал законска пренамена, сопствен паркинг и исполнети минимално-технички услови? Кој ќе докаже дека лиценца за салон за теписи важела за дискотека? И кој ќе го оправда непостапувањето на Општината и институциите што го зави Кочани во црно?“, наведуваат родителите.
Тие се осврнуваат и на обвинетите поврзани со обезбедувањето на дискотеката, нагласувајќи дека, според нив, предмет на постапката не е само нивното однесување откако избувнал пожарот, туку и исполнувањето на обврските пред трагедијата.
„Обвинетите од обезбедувањето не се на обвинителна клупа затоа што по избувнувањето на пожарот спасувале или не спасувале. Тука се поради сомнението дека не ги исполниле обврските пред трагедијата — кога таа требало да се спречи. Херојство откако сè било во пламен не ја брише одговорноста за она што не било направено претходно“, велат родителите.
Во нивната реакција се наведува и дека сведочењата и вештачењата на одбраната, според нивното гледиште, не можат да ги променат фактичките прашања поврзани со дозволите и условите за работа на објектот.
„Нека носат сведоци и нека одолжуваат. Но со сведочење нема да направат пренамена, со вештачење нема да создадат паркинг, а со адвокатски говор лиценцата за салон за теписи нема да ја претворат во дозвола за дискотека“, се вели во реакцијата.
Родителите оценуваат дека одбраната се обидува „да го брани неодбранливото“ и порачуваат дека очекуваат целосно утврдување на одговорноста за трагедијата.
„Правдата можат да ја одолжуваат. Вистината — не!“, завршува нивната реакција.