Македонија

Скопскиот аеродром со раст од 34,8 отсто во август, меѓу најбрзорастечките во Европа

Скопскиот аеродром со раст од 34,8 отсто во август, меѓу најбрзорастечките во Европа

Скопскиот аеродром во август бележи значителен пораст на патничкиот сообраќај, со што Македонија се вбројува меѓу европските пазари со најголем раст во текот на летната сезона. Според најновиот извештај на Европското здружение на аеродроми ACI EUROPE, патничкиот сообраќај на скопскиот аеродром е зголемен за 34,8 отсто во однос на август минатата година.

Со овој резултат, Скопје е на петтото место меѓу средните европски аеродроми, односно оние со годишен сообраќај од еден до 10 милиони патници. Пред него се аеродромите во Братислава со раст од 75,9 отсто, Трапани со 52,3 отсто и Подгорица со 47,6 отсто, додека зад Скопје е Палермо со раст од 32,3 отсто.

Македонија во август е меѓу пазарите надвор од Европската Унија со најголем пораст на воздушниот патнички сообраќај. Во извештајот се наведува дека двоцифрен раст е забележан и во Црна Гора од 28,6 отсто, Албанија 20,7 отсто, Израел 19,5 отсто, Ерменија 14,2 отсто, Молдавија 12,6 отсто и Узбекистан 10,5 отсто.

Турција, како најголем пазар во оваа група, продолжила со позитивниот тренд, но со поумерен раст од 4,4 отсто.

Во рамки на пазарот ЕУ+, најголем раст во август е регистриран во Словачка од 61 отсто, по што следуваат Словенија со 19,3 отсто, Естонија со 16,4 отсто, Унгарија со 13 отсто и Малта со 12,3 отсто.

Најголем пад е забележан кај аеродромите во Исланд, со намалување од 9,3 отсто, Австрија со 6 отсто и Франција со 1,7 отсто. Намалување има и во Кипар, Норвешка и Германија.

Меѓу најголемите пазари во ЕУ+, најголем раст во август имале Италија од 5,2 отсто и Шпанија од 4,7 отсто, при што туристичката побарувачка била еден од значајните фактори за растот. Обединетото Кралство забележало раст од 0,9 отсто, додека Франција и Германија останале под европскиот просек.

На ниво на Европа, патничкиот воздушен сообраќај во август пораснал за 3,1 отсто, по растот од 3,9 отсто во јули. Тоа претставува забрзување во однос на вториот квартал од годината, кога растот изнесувал 1,3 отсто, период во кој, според извештајот, врз воздушниот сообраќај влијаело и војната на Блискиот Исток.

Аеродромите надвор од пазарот ЕУ+ во август забележале раст од 6 отсто, додека кај аеродромите на пазарот ЕУ+ растот изнесувал 2,5 отсто.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни