Македонија

Ѓорѓиевски: Драстично ги намалуваме новите вработувања во Град Скопје

Ѓорѓиевски: Драстично ги намалуваме новите вработувања во Град Скопје

Град Скопје најавува намалување на бројот на нови вработувања во јавните претпријатија и установи, со фокус на ангажирање кадар што директно ги обезбедува услугите за граѓаните. Ова го соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски по денешната седница на Советот на Град Скопје.

Ѓорѓиевски информира дека е донесена одлука со која, како што наведува, се ограничуваат новите вработувања и се намалува вкупниот број на вработени, особено во јавните претпријатија.

Според него, целта е оптимизација на работењето и поодговорно управување со градскиот буџет.

„Драстично ги намалуваме новите вработувања во Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук, додавајќи дека секое ново вработување треба да одговара на реална потреба и конкретна работна задача.

Тој посочи дека приоритет ќе имаат вработувањата во областите каде што недостига оперативен кадар, особено возачи во ЈСП, како и работници и возачи во ЈП „Комунална хигиена“.

Според Ѓорѓиевски, најголемиот дел од планираните нови вработувања ќе бидат наменети за работни места на терен и за кадар кој директно обезбедува услуги за граѓаните, додека административните позиции ќе бидат сведени на минимум.

Како приоритетни области ги посочи одржувањето на улиците и парковите, јавниот превоз и комуналните услуги.

Ѓорѓиевски оцени дека со промените средствата и кадарот треба да се насочат кон местата каде што се најпотребни за функционирањето на градот.

„Скопјани заслужуваат функционален град. Секое работно место мора да придонесува за тоа, а секој потрошен денар да биде оправдан пред граѓаните“, порача градоначалникот.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни