Пчеларите ја оценуваат оваа сезона како една од најлошите во последните две децении, откако неповолните временски услови речиси целосно го намалиле приносот на мед. Велат дека наместо вадење мед од кошниците, годинава приоритет им е пчелите да преживеат.
Годинашната пчеларска сезона, според сведоштвата на пчеларите, е меѓу најтешките во изминатите 20 години. Поради дождовите, ветерот и неповолните услови за медење, во многу пчеларници речиси и да немало што да се извади од кошниците. Малиот дел што останал, како што велат, бил оставен за самите пчели.
„Врнеше многу. Па, имаше многу ветер. Кога медеше, промедеа билките багрен, драка, дива да. Оваа година е многу лоша. Ништо не ни се погоди за мерење“, вели еден од пчеларите. Друг посочува дека годинава имал 37 кошници и дека извадиле околу 1.180 килограми мед, но и покрај тоа оценката е дека „оваа година е катастрофа“ и дека „природата си го направи својето“.
Пчеларите укажуваат и на драстично намалување на приносот по кошница. „Дали има две, три до пет кила, значи моментално. Значи, пред некоја година е било десет, петнаесет кила, сега е намалено скроз на нула, али ќе гледаме да они да преживеат, па после ние да преживееме“, велат тие. Според нив, состојбата е слична во сите региони во земјава.
Како една од главните причини се посочуваат климатските промени. „Пред сè климатските промени“, вели пчеларка, додавајќи дека недостига и добиток што би ја одржувал пашата. „За жал, немаме и доволно стока да може да ја мине пашата, да ја паси, да се обновува и да имаме нови, нови цветови“, посочува таа.
Освен со времето, пчеларите велат дека се соочуваат и со нелојална конкуренција на пазарот, како и со доцнење на субвенциите. „Од маркети, тие по триста денари мед или не знам по која некоја цена. Тоа се некои не знам направени од шеќер и тоа воопшто дури му штетиме на својот организам“, вели пчелар. Дополнително, реагираат дека сè уште немаат добиено субвенции. „Немаме субвенции сè уште. Кога највеќе ни беа потребни, немаме никаква поддршка. Обично ни ги исплаќаат од тековната година на крајот на годината“, велат тие.
И покрај слабата сезона, цената на медот останува непроменета и изнесува 600 денари. На саемот „Денови на мед“, кој традиционално го организира здружението „Пчела“, пчеларите на своите штандови понудија залихи од минатите сезони. И покрај тешката година, тие велат дека остануваат оптимисти и се надеваат на подобри услови во наредниот период.