Кандидатите за градоначалник на Брвеница во изборната трка настапуваат со различни приоритети и програмски определби, од продолжување на започнати проекти и инфраструктурни зафати, до поддршка за младите, решавање на водоснабдувањето и локален економски развој. Во трката учествуваат партиски и независни кандидати, а една од независните кандидатки не доставила изјава.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ најавува продолжување на проектите и, како што беше наведено, „патот на предходниот градоначалник Ивица Илиевски“. Во фокусот на неговата програма се неколку инфраструктурни проекти. Според најавите, во тек е изградба на спортска сала во населеното место Челопек, односно Горни Челопек, а за неколку месеци треба да почне и изградбата на детска градинка во Челопек. Како еден од проектите во соработка со централната власт беше посочена и клучка што ќе се поврзува со автопатот Тетово – Гостивар – Скопје.
Во програмата на кандидатот на СДСМ се издвојуваат „подобрување на инфраструктурата и на животната средина и еднакви можности за сите“. Меѓу најавените мерки се современа зона за преработка на земјоделски производи, со цел поддршка на локалните производители и постабилен пласман, како и обновување и проширување на водоводната мрежа. Посебно беше истакнато и решавањето на проблемот со водата во селото Гургурница. Во изјавата беше додадено и ветување дека „уште во првата година од мојот мандат ќе започне изградба на капела во село Брвен“.
Кандидатот на Вреди посочи дека програмата е поставена на четири столбови, а еден од нив е насочен кон младите и нивните можности. „Младите треба да ја гледаат иднината тука. Треба да им овозможиме работни места, поквалитетно образование и ангажман за нивни проекти и идеи“, беше наведено во пораката со која се става акцент на задржување на младите во општината и создавање подобри услови за нивен развој.
Кандидатот на ДУИ, пак, вели дека има визија за „пофункционална, поразвиена и поорганизирана Брвеница“. Во неговата порака до гласачите нагласува дека ветува „работа, посветеност и одговорност“, со оценка дека на Брвеница „не ѝ се потребни само зборови“ и дека кандидатурата ја претставува како визија за општината.
Независниот кандидат Душан Богдановски најавува иницијатива за формирање мали и средни општински претпријатија. Според него, доколку анализата покаже дека тоа е изводливо во пракса, ваквиот модел би можел да донесе „додатни приходи за една општина“ и „додатни вработувања за некои млади луѓе“.
Во изборната трка учествува и независната кандидатка Арифе Идризи, од која, како што беше наведено во прилогот, не бил добиен повратен одговор на барањето за изјава.