Балкан

Посмртните останки на Цар Самоил пристигнуваат во Бугарија – пораки за „заедничка историја“ и уцени кон Македонија

Посмртните останки на Цар Самоил пристигнуваат во Бугарија – пораки за „заедничка историја“ и уцени кон Македонија

Со прелети на воени ловци МИГ-29 и Ф-16, блокирани булевари, полициски кордони и целокупниот поранешен и сегашен државен врв на плоштадот, Софија организира државен пречек на посмртните останки на Цар Самоил, отстапени од Грција. Додека бугарските медиуми и јавност во еуфорија го слават пренесувањето на коските од базиликата „Свети Ахил“ од Мала Преспа во софиската црква „Света Софија“, од студијата на тамошните телевизии повторно се испраќаат добро познатите пораки за „заедничка историја“, но и јасни ултиматуми кон Скопие.

Во специјална емисија посветена на настанот, бугарски аналитичари и историчари дебатираа за историското и политичкото значење на овој чин. Меѓу гостите беше истакнато дека чинот на пренесувањето не требало да биде пречка во односите со Македонија, туку напротив, повод Скопје да прифати дека се работи за исклучиво бугарски владетел.

„Ова е нешто што заедничката историска комисија одамна го призна од македонска страна – дека постојат сите основи да се смета дека Самоил е бугарски владетел и неспорен дел од нашата заедничка историја со Македонија“, коментираа аналитичарите во студиото, потсетувајќи на протоколите на мешовитата комисија.

Без официјална покана за Скопје, но со повик за „великодушност“

Иако бугарската власт не испрати официјална покана до македонските државни претставници за присуство на церемонијата, соговорниците посочија дека „народот од другата страна на границата има постојана отворена покана“. Според нив, црквата „Света Софија“ во иднина треба да биде задолжителна постојка од државниот протокол секогаш кога македонски делегации ќе доаѓаат во посета на Софија, за заеднички да му се оддава почит на владетелот.

Сепак, паралелно со повиците за надминување на поделбите преку историјата, од бугарска страна не изостанаа ниту директните политички притисоци. Беше нагласено дека официјална Софија под никакви околности не смее да попушти пред европскиот притисок околу преговорите со Македонија.

„Бугарија не смее да прави никакви компромиси – ниту со постигнатото во мешовитата комисија, ниту со европскиот услов за впишување на Бугарите во Уставот на Македонија. Тоа е една од ретките теми каде што сите бугарски политички партии се потполно обединети“, беше порачано за време на преносот.

Грчко-бугарска размена на артефакти

Пренесувањето на коските е резултат на долгогодишни преговори меѓу Атина и Софија кои започнаа уште во времето на поранешниот директор на бугарскиот Национален историски музеј, Божидар Димитров. Останките беа пронајдени во 1960-тите години од страна на грчкиот археолог Николаос Муцопулос во базиликата на островот Свети Ахил.

Размената се реализира на реципрочна основа: Бугарија за возврат и предава на Грција 48 вредни црковни предмети, икони и стари ракописи одземени за време на војните од манастири во реонот на Драма и Сер. Според најавите на бугарските историчари, покрај коските за кои се претпоставува дека му припаѓаат на Цар Самоил, се верува дека меѓу останките се наоѓаат и коските на неговиот син Гаврил Радомир и на Јован Владислав, што допрва треба да се истражува преку современи палеогенетски методи.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни