Пониските цени на горивата во Македонија во однос на дел од соседните земји привлекуваат дополнителен број возачи од регионот, што придонесува за зголемување на вкупната потрошувачка на нафтени деривати во земјава. Според претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, растот особено се забележува кај дизелот и бензините, а не се должи исклучиво на домашната потрошувачка.
Ристов во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ посочи дека РКЕ нема прецизен механизам со кој би можела да ја раздвојува домашната од таканаречената „извезена“ потрошувачка, но податоците покажуваат значителен пораст.
„Не можеме да направиме раздвојување што значи домашна потрошувачка и да кажеме – ова е извезена потрошувачка. Меѓутоа, имаме параметри дека многу е зголемена потрошувачката на гориво“, рече Ристов.
Според него, дел од зголемената потрошувачка е резултат на возачи од соседните земји кои доаѓаат во Македонија за да наполнат гориво поради пониските цени.
„Не е тоа последица на домашното трошење, туку баш она на пограничното трошење“, изјави Ристов.
Како дополнителен фактор во летниот период го посочи транзитот на патници низ земјава. Возачите кои патуваат низ Македонија, според него, имаат интерес да ги наполнат резервоарите во земјава, особено поради ценовната разлика во однос на Србија, Грција и други држави од регионот.
Зголемената продажба на горива има влијание и врз државниот буџет, бидејќи преку даноците и акцизите се обезбедуваат дополнителни приходи.
„Од секој литар нафтен дериват, од 25 до 35 денари е бенефитот за државата, односно за полнење на буџетот“, рече Ристов.
Тој посочи дека, независно од транзитот и пограничното точење, домашната потрошувачка на гориво вообичаено расте за околу два до три проценти годишно.
Ристов овој тренд го поврза со економската активност во земјата. Растот на бруто домашниот производ и индустриското производство, според него, водат кон зголемен транспорт и превоз, што влијае и врз потребите од гориво.
Претседателот на РКЕ направи разлика меѓу физичката потрошувачка на нафтени деривати и финансискиот ефект што таа го има врз буџетот.
И покрај намалувањето на акцизите и ДДВ-то, Ристов очекува до крајот на годината да бидат остварени значителни приходи од овој сегмент. На тоа, како што објасни, влијаат зголемената потрошувачка, но и повисоките цени на горивата во одредени периоди.
„Доколку имате поголема потрошувачка, имате повеќе приходи“, рече Ристов, оценувајќи дека досегашните мерки во однос на цените на горивата се менаџираат во услови на зголемена потрошувачка.