Наместо да се врати дома по завршувањето на работните обврски, 33-годишен македонски државјанин го загубил животот во тешка несреќа на железничка пруга во Хрватска. Трагедијата се случила во неделата наутро, во близина на Загреб, додека работникот бил ангажиран на активности поврзани со железничката инфраструктура.
Несреќата се случила околу 8:45 часот на железничкиот надвозник Сава – Јакушевец, во местото Мичевец, кај Велика Горица.
Според хрватската полиција, Македонецот бил вработен во компанија која изведувала работи на железничката инфраструктура и имал регулиран престој во Хрватска.
Во моментот на несреќата, по пругата се движело товарно моторно железничко возило за одржување на инфраструктурата, управувано од 59-годишен машиновозач. Од засега неутврдени причини, работникот паднал на пругата и се здобил со смртоносни повреди.
На местото на настанот бил извршен увид под раководство на заменичка на Општинското државно обвинителство во Нов Загреб. Во истрагата учествувале и полицијата, инспектор за заштита при работа и претставник на Агенцијата за истражување несреќи во воздушниот, поморскиот и железничкиот сообраќај.
Телото на починатиот е пренесено во Заводот за судска медицина и криминалистика во Загреб, а надлежните институции ги утврдуваат околностите под кои се случила несреќата.