Бизнисменот Стојан Чифлигароски, кој по две години бегство неодамна се предаде на граничниот премин „Свети Наум“, останува во притвор.
Неговата одбрана поднесе жалба на одлуката за одредување притвор, но Кривичниот суд ја одби како неоснована.
Со ова, судот го потврди решението со кое на Чифлигароски му се одредува мерката притвор, со оглед на ризикот од повторно бегство и обезбедување на неговото присуство во понатамошната судска постапка.
Чифлигароски е осомничен во кривична постапка за „злосторничко здружување“, „даночно затајување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.
Тој беше недостапен за органите на прогонот и се водеше како еден од осомничените организатори на злосторничкото здружување во предметот „Синџир“.
Во рамки на истиот предмет, директори на компании поврзани со Чифлигароски беа осудени откако признаа вина за даночно затајување и перење пари.
Чифлигароски е бизнисмен од Битола и сопственик на компанијата „СВ Инвест“, која во минатото добивала милионски тендери од РЕК Битола. Компанијата подоцна заминала во стечај.