Во живо Отворено студио Избори Србија 2026 Гледај
Македонија

Доделени признанија за најдобрите 13 наставници по повод Светскиот ден на учителите

Доделени признанија за најдобрите 13 наставници по повод Светскиот ден на учителите

По повод 5 Октомври – Светскиот ден на учителите, Сојузот на просветни работници и Министерството за образование и наука (МОН) денеска доделија признанија на тринаесет најдобри наставници и воспитувачи за учебната 2025-2026 година.

На традиционалниот настан насловен „Учителот инспирира, ученикот создава – заедно го обликуваат светот на знаењето“, беа истакнати поединците кои со својот труд, посветеност и професионалност се издвоија во процесот на образование и воспитание.

Наградени просветни работници по категории:

  • Предучилишно образование: Клементина Петрушевска (детска градинка „Весели цветови“ – Кисела Вода).
  • Одделенска настава: Соња Трифуновска (ОУ „Гоце Делчев“ – Тетово), Виолета Поповска (ОУ „Вера Јоциќ“ – Гази Баба), Габриела Мерџаноска (ОУ „Гоце Делчев“ – Гостивар), Ксенија Николова (ОУ „Гоце Делчев“ – Босилово) и Весна Тодоровска-Унковска (ОУ „Партенија Зографски“ – Кисела Вода).
  • Предметна настава: Томе Китановски (ОУ „Гоце Делчев“ – Василево), Бојанка Џипунова-Ташова (ОУ „Васил Главинов“ – Велес), Вера Зороска (ОУ „Христо Узунов“ – Охрид), Оливера Шиклеска-Грозданова (ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ – Битола) и Благица Чатлеска (ОУ „Гоце Делчев“ – Прилеп).
  • Средно образование: Никола Делевски (РЦСОО „Никола Карев“ – Струмица), додека постхумно признание му беше доделено на Слаѓан Станковиќ – Битрак (СОУ „Наце Буѓони“ – Куманово и МИГ – Скопје).

Признанијата ги врачија министерката за образование и наука Весна Јаневска и претседателката на Сојузот на просветни работници, Жаклина Ристовска.

Министерката Јаневска им порача на наградените да бидат горди и да продолжат да бидат двигатели на образованието. Таа нагласи дека наставникот останува најважниот столб во училиштето, најавувајќи ново покачување на платите за март, по веќе реализираното зголемување од 20% во изминатите две и пол години. Осврнувајќи се на дефицитот од кадар по природни науки, Јаневска истакна дека се преземаат чекори за враќање на достоинството и значењето на наставничката професија.

Претседателката на Сојузот, Жаклина Ристовска, подвлече дека во ера на брзи технолошки промени и вештачка интелигенција, улогата на учителот не се намалува, бидејќи тој е оној кој ја дава инспирацијата, го препознава талентот и ја гради самодовербата кај учениците.

Ноќно студио

Најнова епизода

Избори Србија 2026 - отворено студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни