Македонија

Мицкоски: Не се сликав со Трамп картон

Мицкоски: Не се сликав со Трамп картон

Пет до шест сериозни потенцијални инвеститори се заинтересирани за изградба на податочни центри во Македонија, а доколку се реализира половина од планираните инвестиции, земјава би можела да остварува извоз на услуги вреден стотици милиони евра. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски, говорејќи за можностите за развој на индустријата поврзана со вештачката интелигенција.

Мицкоски рече дека развојот на податочните центри и вештачката интелигенција е процес што не може да се избегне, а се осврна и на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп во Обединетите нации.

„По најновото што успеавме да го слушнеме во Обединетите нации, содржано во говорот на претседателот Трамп, патем, не се сликавме со картон, не е повеќе вештачка интелигенција, туку суперинтелигенција“, изјави Мицкоски.

Според премиерот, Владата веќе работи на создавање услови за привлекување инвеститори, а се разгледуваат и можни локации за изградба на податочни центри.

„Веќе има пет-шест компании. Пред некој ден добив неофицијален нацрт-извештај за можни локации за изградба на такви податочни центри, кој се подготвува во соработка со една високообразовна институција“, рече Мицкоски.

Тој очекува развојот на оваа индустрија да придонесе за отворање високоплатени и квалитетни работни места, како и за дополнителен раст на македонската економија.

„Очекувам да добиеме можност за високоплатени, квалитетни работни места, кои позитивно ќе придонесат за македонската економија. Колку и да имаме ретроактивни сили што ќе нè влечат назад, ние како Влада сме одлучни да го туркаме овој процес напред и ќе одиме до крај“, нагласи Мицкоски.

Премиерот оцени дека вештачката интелигенција повеќе не е технологија на иднината, туку индустрија на сегашноста, додека во 2040 или 2050 година, според него, веќе ќе се зборува за уште понапредни технологии.

Тој додаде дека Владата веќе прави приспособувања на одредени закони со цел да се овозможи развој на овој сектор.

„Од овие пет-шест посериозни потенцијални инвеститори, ако половина се реализираат, веќе можеме да зборуваме за извоз на услуги што ќе се мери во стотици милиони долари или стотици милиони евра“, изјави Мицкоски.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни