Македонија

Жители ја блокираа депонијата „Краста“: Пожарот и чадот траат со месеци

Жители ја блокираа депонијата „Краста“: Пожарот и чадот траат со месеци

Жители на селата Пчиња, Студена Бара, Вакаф и околните населени места од денеска ја блокираат кумановската градска депонија „Краста“, револтирани поради пожарот и чадот што, според нивните тврдења, траат веќе шест месеци.

Со блокадата е оневозможено движењето на камионите на комуналното претпријатие, па сметот од Куманово во моментов не се носи и не се депонира на оваа локација. Жителите бараат итно решение за пожарот и преземање конкретни мерки од надлежните институции.

Тие велат дека постојано вдишуваат чад од депонијата, а поради состојбата, како што посочуваат, утринава дел од децата не заминале на училиште. Жителите најавуваат дека ќе испратат барање и до Владата, здравствените институции да постават мерни станици со кои ќе се следи загадувањето во населените места во близина на депонијата.

Жителите велат дека претходно било ветено дека најдоцна до 2 октомври ќе биде ангажирана механизација за гаснење на пожарот, но оти тоа не било реализирано.

„Пожарот на депонијата и загадувањето на селата стана поголем и живеењето стана неподносливо“, порачаа жителите, барајќи целосно гаснење на депонијата и конкретни мерки од институциите.

Од комуналното претпријатие велат дека работат на надминување на проблемот. Директорот посочи дека во текот на претходните денови биле ангажирани нивна механизација и механизација од противпожарната бригада, а цистерни со вода непрекинато го натопувале теренот.

Дополнително, од вчера се ангажирани и два багера со кои се врши дотур на земја. Од Општина Куманово, по вчерашниот вонреден состанок на кризниот штаб, се одвоени четири милиони денари за санација на дефектите на механизацијата на комуналното претпријатие.

Од комуналното претпријатие очекуваат со засилената работа во следните денови состојбата да биде подобрена и нивото на чад да се намали. Директорот оцени дека ситуацијата не е добра и дека револтот кај локалното население е голем.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни