Во Кривичниот суд продолжи постапката против апелациониот судија Ѓоко Ристов, кој во меѓувреме е официјално разрешен од судиската функција на седница на Судскиот совет одржана на 30 септември. На денешното рочиште сведочеше Фехми Стафа, сведок на одбраната, кој негираше дека му дал пари на Ристов за да влијае врз судска одлука.
Судењето за апелациониот судија Ѓоко Ристов продолжи во Кривичниот суд, а во фокусот на денешното рочиште беше исказот на сведокот на одбраната Фехми Стафа. Тој во судница изјави: „Ниту сум му дал пари во овој случај, ниту во било кој друг случај сум му дал кеш пари со цел да го подкупам, за тој да донесе конкретна судиска одлука.“
Според информациите од судот, Стафа на индиректен начин е поврзан со предметот против Ристов. Тој рече дека против него своевремено било поднесено обвинение за земање поткуп од сестрата на бизнисменот Љупчо Пецов Ѓаволот, со цел, како што било наведено, да го подмити апелацискиот судија Ѓоко Ристов за да влијае во Судечкиот совет за укинување на притвор на негов клиент.
На денешното рочиште, сведокот изјави дека признал вина во тој случај затоа што во тој момент му изгледало дека тоа е „најбезболната варијанта“. Како причина наведе страв, велејќи дека гледал „што му се прави на судијата“, па стравувал дека и нему може да му се случат „пострашни работи“.
Стафа тврдеше и дека при приведувањето бил изложен на притисок од истражителите и од обвинителката Искра Хаџи Василева да признае дека 20 илјади евра, пронајдени кај него, биле наменети за Ристов. Наместо тоа, тој денеска рече дека станувало збор за адвокатска награда, бидејќи го застапувал Љупчо Пецов Ѓаволот пред судот. Според неговиот исказ, и тогаш ѝ кажал на обвинителката дека „и десет години затворска казна да добие, нема да го клевети судијата“.
Во моментот на јавувањето, неговиот распит сè уште траеше. Како сведок на одбраната, најнапред одговараше на прашања од адвокатите на Ристов, а потоа беше најавено и вкрстено испрашување од обвинителката.
На Ристов му се суди за противзаконско стекнување и прикривање имот, откако во домот на неговите родители во Неготино, во ѕид, беа пронајдени вкопани 350 илјади евра. Во прилогот беше посочено и дека тој, и покрај тоа што е разрешен од функцијата, земал плата во изминатиот период.