Македонија

Лицата со церебрална парализа бараат континуирана поддршка и повеќе лични асистенти

Лицата со церебрална парализа бараат континуирана поддршка и повеќе лични асистенти

Лицата со церебрална парализа и нивните семејства бараат поголема и постојана поддршка од институциите, посочувајќи дека најголемите пречки не се само во движењето, туку и во недоволната системска помош. Родителите укажуваат на недостиг од стручни кадри и на потреба од повеќе лични асистенти.

„Замислете свет во кој секој чекор е борба. За лицата со церебрална парализа тоа е секојдневие. Но најтешките бариери не се само во движењето. Се започнува од општеството.“ Со оваа порака во прилогот се отвора прашањето за секојдневните предизвици со кои се соочуваат лицата со церебрална парализа и нивните семејства. За родителите, како што беше посочено, борбата започнува уште од најрана возраст, а поддршката не им е потребна само повремено, туку секој ден.

Еден од главните проблеми што се посочуваат е недостигот од стручни лица, особено логопеди и физиотерапевти, поради што родителите често се принудени дополнителна помош да бараат надвор од системот. Во прилогот беше наведено дека државата обезбедува физиотерапевти, но во недоволен број. Родител сведочи дека во дневниот центар што го посетува неговото дете, „секој два пати неделно има физиотерапевт со кој работи по четириесетина минути до саат време“, но додава дека, според лекарите, на лицата со церебрална парализа им е потребен физиотерапевт „на неделно ниво, секој ден во неделата“.

Во образовниот процес, според изнесеното, бројот на образовни асистенти е зголемен. Годинава се ангажирани над 1.600 во основното образование, а првпат и речиси 280 во средното образование. Сепак, родителите сметаат дека фокусот не треба да остане само на оваа форма на поддршка, туку дека е неопходно да се зголеми и бројот на лични асистенти.

„Повеќе се обрна внимание на образовните асистенти. Тие влегоа во системот со признавање на нивниот стаж и со плаќање на придонесите спрема државата што се потребни. Се отворија ресурсни центри, меѓутоа личните асистенти некако се запоставија“, се наведува во прилогот. Родител дополнува дека на неговото дете „не му е потребен образовен асистент“, туку „личен асистент“.

Прилогот потсетува и на сериозноста на состојбата преку податоците дека едно од четири лица со церебрална парализа не може да зборува, секој трет не може да оди, секој втор има ментална или интелектуална попреченост, а секој четврти има епилепсија. Токму затоа, пораката од родителите е дека поддршката за овие лица мора да биде континуирана, сеопфатна и прилагодена на нивните реални потреби.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Стефанија Кузмановска и Тодор Конески 10.06.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни