4NEWS.mk

Од недостиг на кадри до нови инвестиции: Зошто светот повторно се потпира на рударството

Од недостиг на кадри до нови инвестиции: Зошто светот повторно се потпира на рударството

Критичните минерали повторно стануваат стратешки приоритет за најголемите светски економии, а со тоа расте и потребата од квалификувани рударски инженери.

Американското Министерство за енергетика проценува дека во следните десет години САД ќе имаат потреба од околу 6.000 нови рударски инженери за да го развијат сопствениот синџир на снабдување со критични минерали.

Американската администрација веќе инвестира во рударството, преработката, технологијата и развојот на работната сила. Според Одри Робертсон, помошник-секретар за енергетика и критични минерали, целта е повторно да се изградат домашните капацитети и да се намали зависноста од надворешни синџири на снабдување.

Потребата од кадри расте паралелно со потребата од нови рударски проекти. Без инженери, геолози, техничари и други стручни профили, тешко може да се развие современ рударски сектор.

Европа веќе вложува во обука на кадри за експлоатација на критични минерални суровини.

Во Македонија, интересот за рударските професии е намален, но според професорот и декан на Факултетот за природни и технички науки во Штип, Ѓорѓи Димов, земјата сè уште располага со обучени кадри.

Тоа отвора една поширока дилема – што ќе се случи со знаењето и експертизата ако нема доволно нови инвестиции и проекти во кои тие можат да бидат применети?

„Иловица-Штука“ е еден од напредните рударски проекти во земјата кој може да создаде потреба од различни стручни профили и да отвори можности за младите професионалци.

Додека САД и Европа го зголемуваат фокусот на рударството, критичните минерали и развојот на човечкиот капитал, Македонија има можност да го искористи сопствениот потенцијал – доколку создаде услови за нови инвестиции и развој на секторот.

„Намален ни е интересот за учење во рударските и геолошки училишта или високообразовни институции коишто се бават со рударството, геологијата и заштитата на животната средина, меѓутоа се уште постојат активни студиски програми и се уште продуцираме рударски инженери, геолози и инженери за заштита на животна средина“, истакна Димов.

Во меѓувреме, последните податоци на Државниот завод за статистика покажаа дека бројот на работниците во август 2026 година, во однос на август 2025 година, во секторот „рударство и вадење камен“ се намалил за 8.0%. Ова се должи и на фактот дека во Македонија не е отворен нов рудник во изминатите четириесет години. Единствена сериозна најава останува проектот за ископ на бакар „Иловица-Штука“. Инвеститорот најави дека проектот би бил најголема гринфилд инвестиција во земјава, која ќе обезбеди над 500 директни и 2.700 индиректни вработувања, а предност во вработувањата ќе има локалното население. За функционирањето на проектот потребни би биле рударски инженери, машински и електро инженери, геолози, металурзи, геодети, техничари, економисти и правници во администрацијата, оператори на машини, монтери, механичари, електричари, заварувачи, хемичари, сметководители, магационери, чувари, возачи, медицински персонал итн.

Инаку, во текот на изминатата година, во САД дипломирале околу 160 рударски инженери, наспроти околу 3.000 во Кина – податок со кој помошникот-секретар Робертсон го илустрираше обемот на недостигот од стручен кадар со кој се соочува Вашингтон додека се обидува да го прошири домашното рударство и преработката на руди.

„Во изминатите 30 години го препуштавме управувањето со синџирот на снабдување на надворешни партнери, а со тоа изгубивме и една генерација на таленти и знаење. Располагаме со извонредни таленти на нашите универзитети и се надеваме дека, преку партнерство со одличните образовни институции низ земјата што го обезбедуваат ова образование, брзо ќе ја промениме таа состојба. Изгубивме цела генерација на работна сила во оваа област. За да ја вратиме таа работна сила, ќе бидат потребни решителни мерки и можности, а се надеваме дека оваа иницијатива ќе биде еден од многуте начини за поттикнување на растот“, изјави Робертсон.

Таа додаде дека Министерството за енергетика работи да им прикаже на локалните заедници колку индустријата е променета и дека новите технологии  ја заштитуваат животната средина. Робертсон изрази надеж дека локалните заедници ширум САД ќе ја прифатат идејата дека „за да бидеме светски лидери и да обезбедиме иднина за нашите деца овде, не смееме да ја префрламе целата технологија за преработка во странство“.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Стефанија Кузмановска и Тодор Конески 10.06.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни