Македонија

Грозданова: Се очекува вакцинацијата против сезонски грип да започне кон крајот на октомври

Грозданова: Се очекува вакцинацијата против сезонски грип да започне кон крајот на октомври

Вакцините против сезонски грип се очекува да бидат достапни за вакцинација кон крајот на октомври, најави проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Грозданова објасни дека годинава производството на вакцините против грип почнало нешто подоцна, поради промените во составот на вакцината.

„Оваа година имаме три различни серотипови по составот на вакцината и тоа ги доведе сите светски производители до одложување на производството“, рече таа.

Дополнителен предизвик, според Грозданова, е тоа што Македонија е мал пазар. Таа посочи дека на тендерот не се пријавиле производители, но преку регионална соработка бил пронајден начин да се обезбедат потребните количества вакцини.

Очекувањата се вакцинацијата да започне во третата или четвртата недела од октомври.

Засега, како што рече Грозданова, временските услови се поволни и нема регистрирани случаи на грип. Сепак, таа смета дека вакцинацијата треба да започне што е можно порано, бидејќи потребни се околу 10 дена до две недели за да се развие имунолошки одговор по вакцинацијата.

Се зголемува интересот за бесплатната вакцинација

Грозданова посочи дека бројот на бесплатни вакцини против сезонски грип за ризичните категории континуирано се зголемува.

„Беше 20, 40, 60… оваа година 80 илјади очекуваме да имаме“, рече таа, додавајќи дека целта е во иднина бројката дополнително да се зголемува.

Како пример за разликите во опфатот во регионот, Грозданова ја посочи Грција, каде што годинава се набавени околу четири милиони дози вакцини против грип.

Според неа, зголемениот интерес во Македонија е показател дека граѓаните сè повеќе ја прифаќаат вакцинацијата против сезонски грип.

„Тоа го потврдува интересот на граѓаните. Тоа е на некаков начин доверба дека вакцините функционираат“, порача Грозданова.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со д-р Александра Грозданова, претседателка на комисијата за имунизација

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни