Денеска официјално започнува изградбата на автопатската делница Кичево – Букојчани, долга 11,5 километри, која е дел од Коридорот 8. Станува збор за сложен инфраструктурен проект, чија реализација се очекува да трае повеќе од 48 месеци, односно околу четири години.
Новата автопатска делница треба да ја подобри сообраќајната поврзаност во западниот дел на Македонија, како дел од поширокото автопатско поврзување на Скопје со Охрид.
Според информациите од Министерството за транспорт, станува збор за технички сложена делница, на која е предвидена изградба на пет моста и два вијадукта. Поради конфигурацијата на теренот, градежните активности се очекува да бидат особено предизвикувачки.
Проектот ќе се реализира во две фази. Првата ја опфаќа трасата од селото Црвевци до Кичево, додека втората се однесува на делницата од Долно Строгомиште до Црвевци.
Финансиските средства се обезбедени преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и грантови од Инвестициската рамка за Западен Балкан.
На официјалното означување на почетокот на изградбата е најавено присуството на премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски.
Со изградбата на оваа делница се очекува да се подобри поврзувањето на Кичево со превојот Стража и да се зајакне патната инфраструктура долж западниот дел од Коридорот 8.