Министерството за правда изрази загриженост поради случајот со Ива Михаилова и нејзиниот прием на високо ниво во Софија, во услови кога против неа сè уште е во сила судска забрана.
Од Министерството порачуваат дека владеењето на правото подразбира еднаквост пред законот, почитување на судските одлуки и доследна примена на правните процедури, без оглед на националната припадност или државјанството.
„Националната припадност и државјанството не смеат да бидат основа за привилегиран третман или различна примена на законот“, се наведува во соопштението.
Од Министерството нагласуваат дека Македонија и Бугарија, како соседни држави посветени на европската перспектива, имаат обврска меѓусебните односи да ги градат врз доверба, почитување и ефикасна правна соработка.
Според Министерството, тоа подразбира доследно почитување на правните обврски, но и на независноста на судските постапки.
Во соопштението се потенцира и важноста на институционалниот дијалог меѓу двете земји, со цел отворените прашања да се решаваат врз основа на факти, закони и меѓународни правни механизми.
„Европските вредности не се само декларација, туку обврска. Правдата мора да важи за сите, без исклучок и без селективност“, порачуваат од Министерството за правда.