По децении работа во несоодветни услови, психијатриските установи во земјава постепено се обновуваат. Министерот за здравство Сашо Клековски денеска, по повод Светскиот ден на менталното здравје, го отвори целосно реконструираниот оддел „Машки 2“ во ЈЗУ Психијатриска болница – Скопје, во Бардовци.
За реконструкцијата на одделот, кој се простира на површина од околу 600 квадратни метри, се вложени 300.000 евра.
Клековски истакна дека подобрувањето на условите во психијатриските установи е неопходно, посочувајќи дека уште за време на неговите студии се соочил со исклучително тешки услови во ваквите институции.
„Пред четири децении, за време на моите студии, едно од двете најтешки искуства ми беа нечовечките услови во психијатриските установи. Работиме тоа да се смени“, изјави министерот.
Од Министерството за здравство информираат дека со болницата е договорено во основниот буџет континуирано да се планираат средства за реконструкции, со оглед на потребата од постепено обновување на установите кои со децении функционирале во несоодветни услови.
Досега се реконструирани сите оддели во Специјалната психијатриска болница во Негорци, како и дел од Клиниката за психијатрија во Скопје. Во наредниот период се планира и реконструкција на Психијатриската болница во Демир Хисар.
Министерот нагласи дека грижата за менталното здравје не подразбира само подобри услови за лекување, туку и навремена превенција и рано препознавање на проблемите. Од минатата година матичните лекари имаат превентивна задача за рано откривање депресија кај младите.
Дополнително, Министерството за здравство планира следната година да започне со реализација на проект за отворање центри за ментално здравје на младите.