Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе ги информира меѓународните институции, вклучително и Европската Унија и Советот на Европа, за случајот со Ива Михајлова, откако денеска на разговор беше повикан бугарскиот амбасадор во земјава, Желјазко Радуков.
Како што соопшти МНР, на амбасадорот му било пренесено дека начинот на кој Михајлова била пречекана во Софија, вклучително и најавите за нејзин прием на високо ниво, претставува провокација и ги поткопува напорите за градење доверба и развој на добрососедските односи.
Од Министерството оценуваат дека ваквото постапување претставува директно навлегување во правниот систем на Македонија и испраќа погрешна порака во однос на почитувањето на судските постапки и принципот на еднаквост пред законот.
„Националната припадност или поседувањето друго државјанство не смеат да служат како основа за заштита од одговорност пред надлежните институции“, се наведува во соопштението.
На средбата било истакнато дека од Бугарија, како членка на Европската Унија, се очекува да постапува во согласност со европските принципи, со почитување на судските постапки, институционалната соработка и владеењето на правото.
МНР најави дека ќе преземе соодветни чекори за информирање на меѓународните институции за случајот.
Од Министерството посочуваат дека Македонија останува посветена на развојот на добрососедските односи засновани на меѓусебно почитување, доверба и европски принципи, но очекува истата посветеност и одговорност да ја покаже и бугарската страна.