Македонија

Филипче: Има ли нешто за што не сум виновен? За гравитацијата? Јас. Врне? Јас. Сонцето изгреало? Јас

Филипче: Има ли нешто за што не сум виновен? За гравитацијата? Јас. Врне? Јас. Сонцето изгреало? Јас

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, со иронична објава на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер) реагираше на обвинувањата изнесени од страна на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Валентин Манасиевски , кој го поврза со случајот на Ива Михаилова и нејзиното заминување во Бугарија.

Реакцијата на Филипче следува по изјавата на Манасиевски, во која тој прашува дали зад бегството Ива Михаилова директно стојат Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев, поврзувајќи ги со бугарскиот претседател Румен Радев и Бугарија.

Филипче, без директно да навлегува во обвинувањата, преку сарказам порача дека власта се обидува да му ја припише одговорноста за сè што се случува во државата.

„Денес прашувам: Има ли нешто за што не сум виновен? Може ли нешто да ме заобиколи? За гравитацијата? Јас. Врне? Јас. Сонцето изгреало? Јас. Ветерот? Јас. Земјата што се врти? Јас. Доаѓа зимата? Јас. Водата што тече? Пак јас“, напиша Филипче.

Во продолжение на објавата, лидерот на СДСМ упати критики до власта, обвинувајќи ја дека преку вакви тврдења се обидува да го пренасочи вниманието од сопствените неуспеси.

„Не сум виновен што оваа банда повеќе не може да ги скрие неуспесите. Не сум виновен што лагите повеќе не поминуваат. Немаат повеќе ни Латас ни Мицкоски инспирација за вакви глупости“, наведе Филипче.

Тој иронично прашува дали е виновен и за тоа што граѓаните ги препознаваат, како што ги нарекува, лагите и политичките манипулации.

„Можеби сум виновен и за тоа што народот гледа. Или за тоа што бајките се потрошија. Или за тоа што некој го прочитал ваквиот наслов и се смее? Народе, очигледно стојам зад сè. А вистината сама излегува“, порача Филипче.

Реакцијата доаѓа во период на засилени политички препукувања околу случајот со Ива Михаилова, чие заминување во Бугарија, и покрај судските мерки што ѝ биле определени, отвори прашања за функционирањето на граничните контроли и постапувањето на надлежните институции.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Марина Малиш Саздовска 13.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни