Македонија

Русески и по три рочишта тврди: Во „Пулс“ немало реконструкција, туку внатрешно уредување

Русески и по три рочишта тврди: Во „Пулс“ немало реконструкција, туку внатрешно уредување
Фото: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Градежниот вештак на одбраната Петре Русески и по три рочишта не го смени исказот дека објектот во кој била сместена дискотеката „Пулс“ не бил реконструиран. Според него, станувало збор за „занаетчиско браварски финесии и ентериерно уредување“, за кои не била потребна посебна документација или одобрение.

На денешното рочиште, градежниот вештак на одбраната Петре Русески повторно изјави дека во објектот каде што била сместена дискотеката „Пулс“ не била извршена реконструкција. И по три рочишта, тој остана на претходниот исказ, оценувајќи дека зафатите на објектот биле минорни и не навлегувале во неговата конструкција.

Кога обвинителот му предочил фотографии од објектот пред и по пренамената, Русески не отстапил од својот став. Според неговото образложение, станувало збор за интервенции што не барале постапка пред надлежните институции. „Неколку пати кажав дека за овие градежно занаетчиски работи не е потребна документација или одобрение кое го пропишува законот. Ова го тврдам бидејќи нема интервенција на конструкцијата на објектот, туку се работи за негово внатрешно уредување“, изјавил Русески.

Во транскриптот се наведува дека вештакот ги опишал зафатите како „занаетчиско браварски финесии и ентериерно уредување“. Оттука, според неговата оценка, не била потребна ниту интервенција на градежниот инспекторат.

Семејствата, пак, со спротивен став. Тие посочуваат дека градежните интервенции не можат да исчезнат со нивно поинакво именување и дека одговорноста не може да се избегне „со игра на зборови“. Во нивната реакција се наведуваат и конкретни елементи на објектот: челични столбови, метални конзоли за јакнување на меѓукатната конструкција, промена на фасада и дополнителни метални степени на влезот.

И покрај тоа, според исказот на вештакот, тие зафати не претставувале реконструкција. Во делот од постапката што се однесува на реакциите на семејствата, се нагласува дека „овде не се расправа само за градежни конструкции, туку за безбедноста, одговорноста и шеесет и три мртви деца што никогаш нема да се вратат“.

Судскиот процес продолжува со изведување докази на одбраната, а исказот на вештакот останува една од клучните точки околу кои се судираат аргументите на одбраната, обвинителството и семејствата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Марина Малиш Саздовска 13.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни