Во следните четири години, додека трае процесот на оптимизација во образованието, нема да има отпуштања, но ниту нови вработувања, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска. Таа потврди дека ќе продолжи и четиригодишниот план за зголемување на платите на наставниците, со ново покачување во март следната година. Во меѓувреме, новото раководство на СОНК најавува борба за повисоки плати, подобри работнички права и нови колективни договори.
Јаневска, која присуствуваше на промената на раководството во СОНК, ја оцени досегашната соработка меѓу Министерството за образование и наука и синдикатот како успешна, посочувајќи дека еден од најзначајните резултати е договорениот континуиран раст на наставничките плати.
Според неа, покрај зголемувањето на платите, во фокусот на Министерството остануваат кариерното напредување на наставниците, подобрувањето на условите за работа и намалувањето на административните обврски.
Во однос на оптимизацијата на образовниот систем, министерката посочи дека процесот треба да заврши во период од најмногу четири години, без отпуштања и без нови вработувања во тој период.
Во СОНК, пак, започнува ново поглавје по заминувањето на досегашниот претседател Јаким Неделков, кој 16 години беше на чело на синдикатот.
Новиот претседател најави дека главен приоритет ќе му биде потпишувањето нови колективни договори за вработените во повеќе дејности.
„Приоритет ќе ми биде склучување колективен договор за основно и средно образование. Исто така, да се потпише колективен договор за детска заштита и нов колективен договор за култура. Во идниот период следува доста работа“, изјави новиот претседател на СОНК.
Тој најави продолжување на социјалниот дијалог и партнерството со институциите на сите нивоа, со цел заштита на работничките права и враќање на достоинството на просветните работници.
Досегашниот претседател Јаким Неделков, осврнувајќи се на својот мандат, оцени дека синдикатот успеал да обезбеди значителен раст на платите и покрај високата инфлација и економските предизвици.
„Инфлацијата беше огромна, а ние имавме само пет проценти зголемување на платите. Тој праг го срушивме. Имавме зголемување на платите од 15 проценти, 18 проценти и така натаму“, изјави Неделков.
Според неговите пресметки, во изминатиот мандатен период зголемувањето на платите во дејностите образование и детска заштита надминало 70 проценти, додека во високото образование и науката достигнало околу 100 проценти.
Неделков изрази очекување дека и новото раководство ќе продолжи со преговорите со институциите и ќе обезбеди дополнително подобрување на материјалната положба на вработените.
Со промената на раководството, СОНК влегува во нов период во кој клучни прашања ќе бидат склучувањето на колективните договори, продолжувањето на растот на платите и спроведувањето на најавената оптимизација на образовниот систем.