Македонија

Охридското Езеро порибено со нови 100 илјади пастрмки – рибокрадството останува сериозен проблем, изречени 21 казна

Охридското Езеро порибено со нови 100 илјади пастрмки – рибокрадството останува сериозен проблем, изречени 21 казна

Охридското Езеро е порибено со нови 100 илјади единки охридска пастрмка, како дел од активностите за обновување на популацијата на овој ендемичен вид. Надлежните оценуваат дека резултатите од досегашното порибување се повеќе од задоволителни, но предупредуваат дека рибокрадството и натаму претставува сериозна закана за рибниот фонд.

Од почетокот на годинава, Државниот инспекторат за земјоделство спровел 231 инспекциски надзор, при што биле издадени 21 платен налог за утврдени прекршоци. Четири од казните се изречени на концесионери кои не ги почитувале обврските од договорите.

Контролите се спроведуваат во соработка со рибочуварската служба и езерската гранична полиција, со цел спречување на нелегалниот риболов и заштита на охридската пастрмка.

Во август и септември сите риболовни зони на езерото биле порибени со вкупно 6,5 тони одгледан подмладок, што е за 1,6 тони повеќе од првично планираните 4,9 тони.

И покрај позитивните резултати од порибувањето, од Инспекторатот предупредуваат дека теренските контроли не се доволни за целосно справување со рибокрадството. Според надлежните, неопходни се измени на законската регулатива и заострување на прекршочните одредби.

„Мора да поработиме и на подобрување на законската регулатива, односно на измена на прекршочните одредби, со тоа што ќе создадеме подобри услови за заштита на езерото и за понатамошно постапување од наша страна“, посочуваат од Инспекторатот.

Истовремено, експертите предупредуваат дека за да се утврди вистинската состојба со популацијата на охридската пастрмка и другите ендемични видови, неопходни се детални научни истражувања и проценки.

Според нив, без континуирани истражувања не може со сигурност да се утврди колкав е рибниот фонд, ниту какви се долгорочните ефекти од порибувањето.

Охридската пастрмка е еден од најпрепознатливите ендемични видови во Охридското Езеро, чија популација со години е изложена на притисок од нелегалниот риболов и други фактори.

Надлежните најавуваат продолжување на активностите за обновување на рибниот фонд, но и засилување на инспекциските контроли и подобрување на законските механизми за заштита на езерото.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни