Протестите во албанската престолнина Тирана драматично ескалираа откако полицијата и специјалните единици употребија солзавец и водени топови за да ги растераат демонстрантите кои се приближија до зградите на Министерството за економија и Владата. Во судирите има повеќе приведени, а 17-годишен демонстрант изјави дека бил погоден со гумен куршум директно во вратот.
Откако толпата се упати кон Министерството за економија, полицијата испука големи количества солзавец, а пред владината зграда беа активирани и водени топови. Густи облаци од солзавец го прекрија централниот булевар „Дешморет е Комбит“, а на медиумските снимки се гледа како полицајци фрлаат канистри со солзавец дури и од терасата на Владата.
Седумнаесетгодишно момче во изјава за телевизијата „Њуз 24“ раскажа дека било погодено од непосредна близина додека се наоѓало во првите редови на протестот:
„Бев во првиот ред и повикував на единство. Додека викав, ме погодија со гумен куршум одблизу. Не сфатив веднаш што се случува, ми се заврте во главата, но другите демонстранти ми помогнаа“, изјави младиот демонстрант, упатувајќи и остри пораки до премиерот Еди Рама.
Полициските сили подоцна започнаа широк бран приведувања. Дел од присутните граѓани се обидоа да ги спречат хапсењата, по што дојде до директни физички пресметки со полицијата.
Антивладините протести во Албанија траат повеќе од четири месеци и редовно собираат илјадници граѓани на улиците. Незадоволството дополнително се разгоре поради планираната изградба на луксузен хотелски комплекс — проект поврзан со Иванка Трамп, ќерката на американскиот претседател Доналд Трамп, и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер. Овој проект во јавноста стана главен симбол за обвинувањата за корупција и социјална нееднаквост во земјата.