Студентите Албанци не се задоволни од предлогот на министерот за правда Јетон Шасивари, според кој теоретскиот дел од правосудниот испит би се полагал на албански, а практичниот на македонски јазик. Тие бараат целиот испит да се полага на албански јазик и најавуваат нови протести доколку нивното барање не биде исполнето.
„Нашето барање е целиот правосуден испит да го полагаме на албански јазик. Предлогот на министерот е победа за нас бидејќи околу 84 отсто од испитот ќе се полага на албански јазик. Не сме задоволни бидејќи два испита треба да се полагаат на македонски јазик“, изјави Сухејб Мехмеди, студентски правобранител на Универзитетот „Мајка Тереза“.
Тој смета дека Законот за употреба на јазиците им овозможува на студентите Албанци да го полагаат правосудниот испит на албански јазик и бара институциите да ги почитуваат Уставот и законите.
Мехмеди нагласи дека студентите немаат ништо против македонскиот јазик, но инсистираат на правото испитот да го полагаат на својот мајчин јазик.
„Јазикот е богатство и сите треба да ги знаеме јазиците. Немам ништо против македонскиот јазик, не го знам добро, но колку што можам го зборувам и не ми е срам“, рече Мехмеди.
Тој додаде дека студентите веќе организирале два протеста и дека ќе продолжат со протестите доколку не се прифати нивното барање.
„Бараме нашите барања да се почитуваат. Ова е наш голем успех бидејќи го добивме тоа што ни следува, но не сме задоволни“, порача студентскиот правобранител.