Наместо награда и признанија, 15 раководители на Службата за борба против дрога во Србија се сменети и прераспределени откако ја спроведоа историската заплена на пет тони марихуана во селото Коњух кај Крушевац, открива истражувачката мрежа КРИК.
Новинарите дојдоа до писмото што полицајците му го испратиле на српскиот премиер Ѓуро Мацут, во кое предупредуваат дека началникот на Управата на криминалистичката полиција (УКП), Марко Кричак, целосно ја уништил нивната служба. Тие посочуваат дека трпат застрашувачки притисоци само затоа што откриле огромно складиште со дрога лоцирано на имот на советник од владејачката СНС.
Притисоци врз полицајците и нивните семејства
Според наводите во писмото, веднаш по акцијата започнала одмазда и расформирање на целиот тим:
„Веќе следниот ден по заплената започна уништувањето на службата. Сменети се началникот, неговиот заменик, сите раководители во четирите одделенија, како и петмина шефови на отсеци. По нашите смени, започнаа притисоци и смени и врз нашите сопруги кои се вработени во МВР“, наведуваат полицајците во писмото.
Покрај тоа, полициските функционери истакнуваат дека стравуваат за сопствената и за безбедноста на нивните семејства бидејќи со овој потег се препуштени сами на себе во борбата со нарко-мафијата, која поради нивната заплена изгубила стотици милиони евра.
Криминалот е заштитен, а власта молчи
Главниот уредник на КРИК, Стеван Дојчиновиќ, оценува дека ова е отворена пресметка на државата со полицајците кои чесно си ја вршат својата работа.
„Гледаме дека криминалот е потполно заштитен, а државата е подготвена да влезе во директна пресметка со полицијата. Ова не беше пресметка со еден поединец, тие целосно ја расформираа целата служба за да ги раздвојат полицајците и да ги спречат да имаат каков било меѓусебен контакт“, истакнува Дојчиновиќ.
Адвокатот и поранешен полициски инспектор, Синиша Царевиќ, открива уште еден скандалозен детал од смените. Според него, кога еден од сменетите полковници прашал за причините за решението, од началникот Кричак го добил одговорот дека „Службата за дрога не се покажала добро во апсењето на студентите“.
И покрај тоа што дел од полицајците покренаа управни спорови, правните експерти сметаат дека во овој политички систем тешко ќе дојдат до правда, а институциите во Немањина 11 во Белград сè уште не дале никаков одговор ниту реакција на нивните апели.