Бугарски суд одобри издавање европски налог за апсење на двајца германски државјани, обвинети за подметнување пожар на антени на „Starlink“ (на компанијата „SpaceX“) во близина на Софија, изјави портпарол на судот за британската новинска агенција „Ројтерс“.
Според обвинителството, двајцата мажи влегле во Бугарија од Србија на 9 октомври, поминале неколку часа во земјата, а потоа се вратиле во Србија. Тие се обвинети дека подметнале пожар на антени на „Starlink“ во телекомуникацискиот центар „Плана“, кој се наоѓа јужно од Софија.
Доколку бидат прогласени за виновни, им се заканува затворска казна во траење од три до 12 години, објави бугарската државна новинска агенција БТА.
На оваа одлука може да се поднесе жалба во рок од три дена.
Украина интензивно ги користи терминалите на „Starlink“ за комуникација на бојното поле, а исто така вградува приемници на „Starlink“ во многу од своите беспилотни летала, како дел од нивните системи за наведување.
И други земји припишуваа слични инциденти поврзани со пожари на акти на саботажа поврзани со Русија. Москва тврди дека таквите обвинувања се неосновани и произлегуваат од антируска хистерија.